„Грнчарството во Велес“ — приказна за живото наследство
Грнчарството во Велес оставило длабока трага што тлее и денес. Неговиот брз подем се должел на квалитетната земја-глина, која ја има во изобилие во околината на градот. Грнчар бил и големиот поет и револуционер Кочо Рацин, кој овој занает го сметал за најстара уметност.
Велешката грнчарија се одликува со класична форма и линија, а во XIX и XX век се истакнувала со уметнички обликуваните форми. Голем придонес имало познатото семејство Левкови, кое ги пласирало велешките производи во Македонија, но и во Германија, Англија и Франција. Нивната работилница за фина керамика „Јован Левков и синови грнчари“, подоцна „Тодор Левков и негови грнчари“, прераснала во фабриката „Вила Зора“, која работела до крајот на 1960-тите години.
Во текот на XX век бројот на грнчари постепено се намалувал: во 1923 година биле регистрирани 20, а во 1953 година само 13 грнчари. Сепак, археолошките наоѓалишта, материјалните остатоци и пишаните извори сведочат за вековно, автохтоно постоење на занаетот во Велес и Велешко.
Велешките мајстори ги продавале своите производи во Скопје, Куманово, Софија и Солун. Бројни семејства низ вековите го носеле занаетот и славата на добрите мајстори, а традицијата опстојува и во современото време.
Преземи го изданието (PDF)Моменти од проектот
1 фотографија

